
Според податоците на списанието Форбс за април 2025 година, Бернар Арно, францускиот луксузен магнат и претседател на конгломератот LVMH, продолжува да доминира како најбогат Европеец, со проценето богатство од 178 милијарди долари. Богатството на Арно се заснова на успехот на групацијата LVMH, која вклучува престижни брендови како Луј Витон, Диор, Живанши и Моет и Шандон, чија глобална продажба продолжува да бележи значителен раст благодарение на силната побарувачка за луксузни стоки.
На второ место е Амансио Ортега, основач на шпанскиот моден гигант Зара и сопственик на групацијата Индитекс, со имот од 124 милијарди долари. Ортега ја изгради својата империја врз концептот на брза мода, дозволувајќи и на Зара брзо да одговори на модните трендови по пристапни цени. Покрај Зара, Inditex управува со брендови како што се Pull&Bear, Massimo Dutti и Bershka, а Ортега значаен дел од приходите ги инвестира во недвижен имот, вклучувајќи деловни простории во светските метрополи како Њујорк и Лондон.
На третото место е Франсоа Бетенкур Мејерс, наследничката на козметичкиот гигант L’Oréal и најбогатата жена во Европа, со богатство од 81,6 милијарди долари. Бетанкур Мејерс го презеде управувањето со семејниот удел во L’Oréal по смртта на нејзината мајка, Лилијан Бетанкур, а нејзиниот имот дополнително порасна благодарение на постојаниот успех на L’Oréal на глобалниот пазар за убавина. Освен по деловните активности, таа е позната и по својата филантропска работа преку семејната фондација која поддржува научни и културни истражувања.
Германскиот претприемач Дитер Шварц, сопственик на Schwarz Group, во кој се вклучени трговските синџири Lidl и Kaufland, е на четвртото место на листата на Форбс, со имот проценет на околу 60 милијарди долари. Шварц е познат по својот дискретен пристап кон бизнисот, а неговата група продолжува да се шири во Европа и Северна Америка, натпреварувајќи се со големите играчи во малопродажбата. Петти на листата е Џовани Фереро, италијанскиот чоколаден магнат, чија семејна компанија Фереро, позната по Нутела, Киндер и Фереро Рошер, носи богатство од приближно 50 милијарди долари, поттикнато од глобалната побарувачка за нивните слатки.













