
Доналд Трамп изјави дека „Волмарт“ треба да престане да ги обвинува царините за зголемувањето на цените на своите производи откако трговецот на мало објави зголемување на цените.
Извршниот директор на „Волмарт“ изјави дека зголемувањето на цените е резултат на царините на Трамп, кои се превисоки, особено за кинеските стоки.
„Ќе направиме сѐ што можеме цените да ги одржиме што е можно пониски. Сепак, со оглед на износот на царините, дури и на нивоата што беа намалени оваа недела, не можеме да го издржиме целиот притисок бидејќи маржите за тргување се многу мали“, рече директорот Даглас Мекмилон за време на обраќањето пред инвеститорите.
„Нека ги проголтаат царинските давачки“
Трамп одговори со објава на Truth Social: „Волмарт заработи милијарди долари минатата година, многу повеќе од очекуваното. Меѓу Волмарт и Кина, како што велат, нека ги „ГОЛТААТ ТАРИФИТЕ“ и нека не им наплаќаат ништо на нашите ценети клиенти. Ќе го гледам тоа, а и вашите клиенти ќе го прават тоа!“
Економистите за Си-Ен-Ен изјавија дека царините најтешко ќе ги погодат Американците со пониски и средни приходи, кои традиционално се главни клиенти на „Волмарт“. Потрошувачите често доаѓаат во тој синџир за основни потреби како што е храната.
„Секогаш сме се обидувале да ги одржуваме цените што е можно пониски и тоа нема да се промени. Ќе продолжиме да го правиме тоа колку што е можно подолго, со оглед на реалноста на ниските трговски маржи“, изјави Волмарт за Си-Ен-Ен.












