Богаташи кои се збогатиле на здодевен начин

Дерек Олсон отсекогаш сонувал да води сопствен бизнис. Иако сонот стана реалност, патот до богатството не беше гламурозен. Олсон се збогатил градејќи машини што отстрануваат подови – особено теписи во основните училишта.

„Просечното основно училиште во САД има околу 7 милји тепих – а децата се ужасно валкани“, вели Олсон, извршен директор на National Flooring Equipment. „Затоа училиштата ги менуваат подовите речиси секое лето. Тоа е нишна индустрија за која никој не знае, но на сите им е потребна.“

Иако финансискиот сектор и Силиконската долина честопати претставуваат гламурозни патишта до богатство, сè повеќе Американци се збогатуваат на традиционални основи – преку обезбедување стоки и услуги. Економистите Овен Зидар (Принстон) и Ерик Цвик (Универзитет во Чикаго) ја нарекуваат оваа група – „незабележливо богати“.

Компанијата на Олсон, со седиште во Минесота, очекува приход од околу 50 милиони долари оваа година, а по аквизицијата на австралиски производител, приходите растат. Семејството Олсон ужива во два „Лендровери“, приватно школување за нивните деца и месечни одмори во Европа.

Сопствениците на „досадни“ бизниси ја сочинуваат елитата
Според истражувањето на Зидар и Цвик, најголемиот извор на приход за 1% од најбогатите Американци не се банките или технолошките стартапи, туку сопственоста на средни, регионални бизниси – од салони за автомобили, дистрибуција на пијалоци, синџири за храна, до стоматолошки ординации и адвокатски канцеларии.

Од 2014 до 2022 година, уделот на приходите што доаѓаат од сопственост на бизнис меѓу најбогатите 1% се зголеми од 30,3% на 34,9%. Во случајот со најбогатите 0,1% (кои заработуваат над 2,3 милиони долари годишно), тој удел достигна 43,1%.

Примери од сенките
Дејвид Мекнил, основач на WeatherTech, е олицетворение на оваа класа. Тој се отпишал од универзитетот, работел како продавач на луксузни автомобили и еден ден забележал квалитетни гумени подни простирки во изнајмен автомобил во Шкотска. Тој зеде втор хипотека на куќата и почна да ги увезува во САД. Денес, 35 години подоцна, неговата компанија вработува околу 1.800 работници во Илиноис и очекува приход од дури 800 милиони долари.

Мекнил останува единствен сопственик на компанијата. Тој живее во Флорида, има повеќе луксузни имоти, колекција на винтиџ автомобили и приватен авион.

Лари Флеминг, поранешен сопственик на франшизата на Венди, е уште еден пример. Тој започна со хамбургери, но најде вистински пари во дистрибуција на пиво. Денес, неговата компанија LDF Sales and Distributing продава пиво Coors и Miller во источен Канзас и Оклахома, има пазарен удел од 64% и годишни приходи од 250 милиони долари.

Овие „незабележливо богати“ не се ниту на берзата Насдак, ниту на виралните листи на Форбс. Но, во тишина, тие градат огромно богатство продавајќи подни простирки, отстранувајќи теписи или дистрибуирајќи пиво – бизниси кои можеби изгледаат здодевни, но носат извонредни профити и го менуваат економскиот пејзаж на Америка.