Скопје лета високо: Меѓу водечките аеродроми по раст на капацитетот

Сите поголеми аеродроми во главните градови на поранешна Југославија ќе забележат раст на капацитетот во текот на јуни 2025 година, а „Рајанер“ ќе остане најголемата авиокомпанија во регионот, пишува ExYuAviationNews.

Белград е на врвот по број на места

Белградскиот аеродром е водечки со најголем број достапни седишта на редовните летови во текот на јуни – вкупно 1.026.394. Оваа бројка претставува значителен раст од 14,8% во споредба со 2024 година. Националниот авиопревозник Ер Србија  ќе го зголеми својот капацитет за 8,8%, задржувајќи ја водечката позиција со удел од 52,8% во вкупниот капацитет. Во исто време, „Виз ер“ забележа закрепнување и го зголеми својот капацитет за дури 42,8%.

Загреб следи со стабилен раст

Аеродромот во Загреб е втор по големина со 574.280 достапни седишта на редовни линии во јуни, што претставува раст од 12,2% во споредба со минатата година. По два месеци, „Кроација ерлајнс“ ја враќа позицијата на најголем превозник со удел од 34,4% во вкупниот капацитет, додека „Рајанер“ е втор со 32%. „Кроација ерлајнс“ забележа зголемување на капацитетот од 15,6%, додека „Рајанер“ го зголеми бројот на седишта за 16,2%.

Приштина и Скопје бележат стабилен раст

Во јуни 2025, скопскиот аеродром бележи 338.988 седишта и раст од 15,3%

Аеродромот во Приштина очекува вкупно 387.880 достапни седишта, со планирано зголемување на капацитетот од 3,2%. Најголемиот превозник на овој аеродром е GP Aviation со удел од 31%, додека easyJet го зазема второто место со 13,6% од капацитетот.

Скопскиот аеродром забележа раст од 15,3% со вкупно 338.988 седишта во јуни, и покрај тоа што „Виз ер“ го намали капацитетот за 1,2% во споредба со истиот месец минатата година. И покрај намалувањето, „Виз Ер“ останува водечки превозник со удел од 46,3%.

Сараево и Подгорица со значителен раст

Аеродромот во Сараево забележа значителен раст од 19,9% со вкупно 309.750 седишта во јуни. „Рајанер“ е водечкиот авиопревозник со капацитет од 14,6%, со раст од дури 155% во споредба со минатата година. Следна по капацитет е Пегасус ерлајнс со 11,3%.

Аеродромот во Подгорица има вкупно 226.176 седишта на редовни летови во јуни, што претставува зголемување од 18,3%. Најголемиот превозник е „Виз Ер“ со удел од 22%, додека „Ер Монтенегро“ е втор со 18,7%.

Љубљана: Растечки капацитети и нова конкуренција

Аеродромот Љубљана забележа раст од 18,6% со вкупно 185.226 седишта на редовните линии. Најголемиот превозник е Луфтханза со удел од 15,6%, по што следува Туркиш ерлајнс со 14,1%. Турскиот превозник забележа најголем пораст во споредба со претходната година, со дополнителни 7.200 седишта. Новите играчи на аеродромот се KLM и Eurowings.

Најголемите превозници по капацитет во регионот

Според планираните капацитети за јуни 2025 година, „Рајанер“ ќе биде најголемиот авиопревозник со вкупно 811.782 седишта, додека „Виз Ер“ и „Ер Србија“ следат со 562.656 и 555.522 седишта. Други значајни авиокомпании во регионот се Кроација ерлајнс (325.541), Изиџет (293.018), Туркиш ерлајнс (205.484), Луфтханза (198.528), Аустриан ерлајнс (156.852), Јуровингс (153.456) и Пегасус ерлајнс (142.666).

Зголемувањето на капацитетот укажува на позитивен тренд во воздушниот сообраќај на територијата на поранешна Југославија, што може да придонесе за понатамошен развој на воздушните врски и туризмот во регионот. „Рајанер“ продолжува да се етаблира како важен играч на пазарот, додека националните превозници сè уште држат значителен дел од капацитетот на нивните главни центри.