
Велика Британија и Европската Унија постигнаа историски договор за ресетирање на нивните односи по Брегзит, по „доцниот пробив“ во разговорите во текот на ноќта пред самитот во Лондон во понеделник, изјавија официјални лица од двете страни за „Фајненшл тајмс“.
Велика Британија се согласи да ги отвори своите рибарски води за бродовите на ЕУ уште 12 години – потег што ќе биде критикуван од опозициските конзервативци, велат извори во Брисел. Велика Британија претходно нудеше само пет години.
За возврат, британскиот премиер Сер Кир Стармер обезбеди договор за ветеринарство со неопределено време, кој ќе отстрани голема количина на бирократија при извоз на британски земјоделски производи и риба на најголемиот пазар во земјата – како дел од долго посакуваната економска корист од „ресетирањето“ на односите.
Тројца дипломати од ЕУ потврдија дека Брисел се откажал од барањето времетраењето на договорот за прехранбени производи да биде условено од времетраењето на договорот за рибарство, додека британските претставници потврдија дека е постигнат договор за двете прашања.
Двете страни беа зафатени со интензивни преговори преку ноќ околу клучните точки од новиот однос, вклучувајќи го рибарството и трговијата со храна, како и формулацијата на предложената програма за мобилност на младите.
Стармер истакна дека двете страни треба да го продолжат дијалогот за програмата за млади – вклучително и можноста Велика Британија да се врати во програмата за размена на студенти Еразмус – наместо да даваат конкретни ветувања на самитот во Лондон.
Дипломатите на ЕУ рекоа дека во конечниот текст се вели дека двете страни ќе „работат кон“ постигнување договор за подобрување на мобилноста на младите, што најавува месеци преговори. Тие изразија разочарување од исходот, но признаа дека Стармер е под голем притисок на домашен терен поради прашањата поврзани со миграцијата.
„Доцна синоќа имаше пробив“, рече еден британски функционер. Амбасадорите од 27-те земји-членки на ЕУ се состанаа рано наутро во понеделник за да го формализираат пакетот, додека лидерите на институциите на ЕУ отпатуваа во Лондон за конечен договор.
Последната рунда разговори се одржа пред самитот во Ланкастер Хаус во понеделник наутро, каде што двете страни ќе потпишат договор за безбедносно и одбранбено партнерство – клучен дел од новите односи.
ЕУ ѝ понуди на Велика Британија нов договор без временско ограничување за олеснување на трговијата со прехранбени производи, но само под услов сегашниот договор за рибарите од ЕУ да биде продолжен до 1930-тите.
Британските рибарски организации стравуваат дека договорот би можел да стане траен, додека конзервативната опозиција и евроскептичните медиуми веќе ја обвинуваат владата дека го „продала“ рибарскиот сектор.
Даунинг стрит одби да коментира за понудата. Самитот е закажан за понеделник во 10 часот по локално време.
За време на двочасовниот состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, Стармер треба да потпише договор за одбрана и изјава за зајакнување на економската соработка.
Се очекува овој прв самит ЕУ-Велика Британија откако Брегзит стапи на сила во 2020 година да испрати порака за помирување, иако напнатите разговори во Брисел во неделата потсетија дека сегашниот однос е многу трансакциски.
Деталите од договорот меѓу ЕУ и Велика Британија се исклучително политички чувствителни. Конзервативната лидерка Ками Баденох веќе предупреди дека Стармер „наскоро ќе се откаже“ од британските интереси.