
Со Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, посебен акцент се става на инвестициите во инфраструктурата, истакнувајќи ги вложувањата во железничкиот сектор, посебно брзата железница на Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија. На тој начин, нашата држава ќе се зацврсти како најдобра, најбрза и најекономична транзитна рута за железничкиот товарен транспорт од грчките пристаништа до европските дестинации.
Според најавата на директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, на денешната прес-конференција во Владата, ќе се изврши комплетна обнова на постојната траса, со зголемување на брзината над 160 километри на час за патничкиот и до 120 километри на час за товарниот сообраќај. “Рокот за изградба е пет години од почетокот на градбата, а се очекува градбата на почне за околу 9 месеци по потпишувањето на договорот.”
Истовремено со постојната, ќе се гради и сосема нова железничка линија, со што ќе се добијат два колосека, а притоа максимално ќе се коригираат кривините и ќе се скрати должината на пругата. Изведувачот истовремено ќе ја проектира и ќе ја гради железничката линија. Прво ќе се гради новата траса, која ќе биде паралелна со постојната, а потоа ќе се реконструира веќе постоечката железничка линија од Табановце до Гевгелија.
Со градежните работи ќе биде опфатена и пругата со која ќе се поврзе железничката станица во Скопје со аеродромот во Петровец, информираше Ивановски. Тој исто така најави дека наесен ќе започне целосна реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје, кој ќе биде дел од градскиот воз, а воедно ќе се реконструира и железничката станица во Скопје.
“Со преземените активности и целосна модернизација и изградба на новата пруга планираме Македонија повторно да ја вратиме на железничката мапа.” Ивановски додаде: “Македонија има одлична инфраструктурна, географска и стратешка позиционираност, а товарниот железнички сообраќај може да биде еден од главните двигатели на економскиот развој.”
Тој подвлече дека во земјава Коридорот 10 се протега по течението на реката Вардар во должина од околу 230 километри. Моменталната пруга е со еден колосек, на кој се одвива и товарниот и патничкиот сообраќај. Таа е пуштена во употреба во 1873 година и досега претрпела измени, надградби и ремонти.