Кочоска: Средствата од британското партнерство ќе се користат по реализација на проекти

Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е договорена рамка од 6 милијарди евра од кои земјата ќе влече средства согласно реализацијата на проектите, а каматата по која ќе се одобрат, а сè уште е во фаза на преговарање,  ќе биде на ниво како и кај договорите што ги имаме со другите меѓународни институции. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју на Радио Лидер.

„Кога се договараат одредени инвестиции, најпрвин треба да се утврди рамка, односно првиот момент е рамката којашто во случајов е 6 милијарди евра, што не значи дека целосно ќе биде искористена сега и веднаш. Треба нешто да се направи за да се повлечат средствата, односно задолжувањето почнува во оној момент кога ќе почне да се плаќа.”, рече минитерката за финансии и додаде дека неоправдано е да се повлечат средства и да стојат неискористени.

Таа додаде дека каматната стапка сè уште се преговара и тоа треба да се потврди, но смета дека сигурно ќе биде пониска од оние 7% коишто државата ги плаќа за реализација на проектот на „Бехтел и Енка”, односно Коридорите 8 и 10д.

„Проектното финансирање, градење инфраструктурни проекти кои ги оставате на идните генерации да се финансираат со камати од 5%, 7% е пропаст за буџетот. Каматата ќе биде на она ниво  што го добиваме и од другите меѓународни институции со кои соработуваме како Светска банка, Европска банка за обнова и развој, Европска инвестициска банка и слично”, истакна министерката.

Повтори дека првото плаќање, како што беше соопштено од страна на премиерот и потпреседателот на Владата, би било во 2027 година. 

„Немам детали околу проектот, но можам да кажам дека фактура ќе дојде кога нешто ќе биде реализирано. Значи има простор да се реализираат одредени работи, па потоа да се плати”, наведе министерката.

Според министерката интересот на британската Владата во потпишување на овој договор е истиот интерес што го имаат и другите меѓународни институции со кои имаме слична соработка, но дека најважно е дека тие имаат доверба во Владата. При тоа потенцира дека не може да навлезе во она што се разговара детално, затоа што договорот е во рамки на Министерството за транспорт и врски, и оти може да зборува од аспект на економист.

„Во економијата има фактична состојба, треба да се има доверба и сигурност. Како некој ќе ни даде пари ако нема сигурност. Зборуваме за комплетен пакет. Прво стои државата која пружа рака на нашата држава, ни обезбедува финансирање под истите услови и на многу подолги рокови. А знаеме дека колку е износот поголем и рокот подолг толку ризикот е поголем”, посочи министерката.

Истакна дека се очекува позитивно влијание од проектот врз растот и висината на јавниот долг. При тоа сподели дека во наредниот период се очекува намалување на јавниот долг, помало задолжување и момент кога ќе се влезе во суфицит со цел да може да се враќаат долговите.

Во однос на средствата обезбедени од унгарскиот заем за поддршка на приватниот сектор, односно компаниите, рече дека транспарентно се објавени условите под кои се одобруваат средствата кон крајните корисниците. Посочи дека има услови под кои Развојната банка ги пласира средствата кон комерцијалните банки, а тие  ги одобруваат срествата, ги процесираат и ризикот е кај нив.