Цената на златото достигна двомесечен максимум по израелскиот напад врз Иран

Цените на златото скокнаа на речиси двомесечен максимум во петокот, по израелските напади врз Иран што дополнително ги зголемија тензиите на Блискиот Исток.

На американскиот пазар, златото се тргуваше во фјучерси во петокот по цена од 3.444,10 долари, што е повисока за 1,1 процент.

Претходно во текот на денот, пишува Ројтерс, тој достигна највисоко ниво од 22 април, додека оваа недела забележа раст од над 3,3 проценти.

Израел рано утрово нападна нуклеарни постројки и фабрики за балистички ракети во Иран, тврдејќи дека сака да ја спречи програмата за развој на нуклеарно оружје на Иран.

Техеран постојано нагласуваше дека неговата нуклеарна програма е чисто цивилна по природа и одговори со испраќање приближно 100 беспилотни летала кон израелска територија.

„Засега, нападите поддржуваат бран на купување на пазарот на злато, но сè уште е прерано да се процени дали овој шок ќе ги зголеми цените во подолг временски период бидејќи ситуацијата брзо се менува“, рече аналитичарот на „Џулиус Баер“, Карстен Менке.

„Реакциите на пазарот на злато би можеле да се протегаат подолг временски период во случај на прекини во снабдувањето со нафта, или поради директни напади или индиректни политички мерки“, додаде тој.

Инвеститорите, обично купуваат злато во период на геополитички и економски тензии, како и ниски каматни стапки.

Фото: Pixabay