Европскиот парламент го поддржа приемот на Бугарија во Еврозоната

Европскиот парламент на денешната седница во Стразбур, со 531 гласа “за”, 69 “против” и 79 “воздржани”, го ратификуваше Извештајот за влезот на Бугарија во Еврозоната од 1 јануари 2026 година, изготвен од бугарската европратеничка Ева Мајдел.

Пред самото гласање, бугарската пратеничка Рада Лајкова, претставувајќи ја екстремно десничарската група Европа на суверени нации (ЕСН), побара повлекување на Извештајот, тврдејќи дека известувачот, како дел од владејачката партија во Бугарија – Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), е во судир на интереси. Според неа, ова ја доведува во прашање веродостојноста на документот и го поткопува угледот на Европскиот парламент.

Во одговор на овој предлог, холандскиот европратеник Јерун Ленарс од Европската народна партија (ЕПП), чиј член е и ГЕРБ, оцени дека барањето е неоправдано, нагласувајќи дека ЕСН веројатно би преферирала Бугарија да ја воведе рубљата, наместо еврото.

Предлогот на Лајкова беше отфрлен, со само 71 глас “за”, 539 “против” и 64 “воздржани”.

Оваа денешна одлука на европратениците доаѓа откако водачите на земјите членки на Унијата, на Самитот на 26 јуни, го поздравија Извештајот на Еврокомисијата за подготвеноста на Бугарија за воведување на единствената европска валута. Во него се проценува дека државата ги задоволува критериумите за приклучување кон Еврозоната од наредната година, и му препорача на Советот на ЕУ да го одобри предлогот.

Еврокомисијата во Извештајот, објавен на 4 јуни, препорача прифаќање на Бугарија во Еврозоната од 1 јануари идната година, со образложение дека бугарската економија е доволно подготвена за влез во зоната на еврото, а националното законодавство е усогласено со европското.

Имајќи ја предвид поддршката од европските лидери и денешната одлука на Европарламентот, Советот на ЕУ сега треба да даде зелено светло за официјален прием на Бугарија во Еврозоната.

Според Договорот за Европската Унија, секоја земја, при приемот во ЕУ, се обврзува да го прифати еврото, но не постои одреден временски рок за тоа.

Исклучок од ова правило е Данска, која со договорот за пристапување кон ЕУ побара да биде изземена од обврската за воведување на еврото.

За да се приклучи кон Еврозоната, секоја земја мора да ги исполни Мастришките критериуми, кои предвидуваат ниска инфлација, буџетски дефицит под три проценти од БДП, јавен долг под 60 проценти од БДП, најмалку двегодишно учество во Европскиот механизам на девизниот курс (ЕРМ 2), како и просечната номинална долгорочна каматна стапка да биде повисока за најмногу два процентни поени од просечните камати во трите земји на ЕУ со најниска инфлација.

Бугарија, која стана членка на ЕУ на 1 јануари 2007 година, на 10 јули 2020 година се приклучи кон механизмот ЕРМ 2, кој колоквијално се нарекува “чекална за Еврозоната”, од кога курсот на бугарскиот лев е врзан за еврото.

Софија првично планираше Бугарија да се приклучи кон Еврозоната на 1 јануари 2024 година, но оваа цел не беше реализирана поради високата инфлација, чиј пораст се припишуваше на Ковид пандемијата и руската инвазија врз Украина, но и поради политичката нестабилност во земјата со неможноста за формирање стабилна Влада.

По очекуваното приклучување кон Еврозоната, Бугарија ќе стане нејзина 21-ва земја членка.

Освен Бугарија и Данска, членки на Еврозоната меѓу државите од ЕУ не се ни Полска, Романија, Унгарија, Чешка и Шведска.