
Трговците со суровини брзаат да испорачаат бразилско кафе во Соединетите Американски Држави за да избегнат царина од 50 проценти што треба да стапи на сила на 1 август. Некои бродови ги менуваат своите рути додека се уште се на море, откажувајќи ги закажаните поаѓања во други пристаништа, така што контејнерите со кафе од Бразил можат да стигнат до американските пристаништа до крајот на јули.
Некои трговци, исто така, испорачуваат бразилско кафе во Соединетите Американски Држави од залихи во Мексико или Канада за да ги избегнат дополнителните трошоци.
Американските увозници веќе објавуваат нови големопродажни цени што ги вклучуваат објавените царини, кои ќе важат за сите пратки што ќе пристигнат по 1 август.
Бразил во моментов снабдува околу една третина од вкупната побарувачка за кафе на американскиот пазар, додека САД произведуваат само околу 1 процент од сопствената потрошувачка.
Кооперативата за кафе „Експокасер“ во Бразил, која го зголеми својот извоз во САД за 15 проценти минатата година, изјави дека нема да има нови пратки по 1 август.
„Ова е внатрешен данок што го наметнува земјата увозник. Го плаќа увозникот, а потоа го пренесува на потрошувачот“, рече претседателот на кооперативата, Симао Педро де Лима, додавајќи дека не склучиле никакви договори за извоз со американски купувачи по објавувањето на новите царини.
Доколку царините стапат во сила, бразилското кафе ќе биде насочено кон други пазари, првенствено кон Европа и Азија, предвидуваат трговците. Во тој случај, САД ќе се свртат кон поголем увоз на кафе од Африка, Централна и Јужна Америка.
Американското здружение за кафе одби да коментира за објавувањето на царините за бразилските производи. Уште во март, тие побараа од кабинетот на Доналд Трамп да го исклучи кафето од пакетот мерки, објави Хина.