
Додека прашањето за продуктивноста станува сè погласно во јавната дебата за зголемување на платите, професорот на Економскиот факултет и член на Советот на Народната банка, д-р Синиша Наумоски, во интервју за Локално.мк нуди појаснување за тоа што навистина значи продуктивноста – и зошто не треба да се сведува само на одговорноста на работникот.
Наумоски истакнува дека продуктивноста во економската теорија претставува однос меѓу вложениот труд и создадената вредност, а во пракса најчесто се мери преку показатели како БДП по вработен или по работен час. Но, нејзиното мерење значително варира меѓу секторите – додека во индустријата е полесно да се следи преку физички производи, во јавната администрација и услугите таа е далеку посложена за проценка.
Кога станува збор за ниските плати, Наумоски посочува дека тие често се причина за демотивација кај вработените, што доведува до уште пониска продуктивност. Феноменот „работи колку што си платен“ не е мит, туку реакција на перцепираната неправедност.
“Ниските плати често создаваат демотивација, одлив на кадри и ниска лојалност, што директно ја намалува продуктивноста. Кога вработените не чувствуваат дека нивниот труд е соодветно вреднуван, се јавува феноменот „работи колку што си платен“. Покрај тоа, компаниите со ниски плати често не можат да привлечат или задржат квалификуван кадар, што води кон ниска иновативност и слаб технолошки напредок. Затоа, одржливата стратегија е рамнотежа меѓу продуктивност и награда, каде зголемената ефикасност се враќа преку повисоки примања и подобри услови“, појаснува Наумоски.
Клучната порака е дека продуктивноста не зависи само од индивидуалниот работник, туку од широк спектар на фактори – од менаџментот, организацијата на работата, технологијата, до мотивацијата и работната култура. Истиот работник може да биде двојно попродуктивен во поефикасна фирма, вели Наумоски, што покажува колку е важно системското уредување на работниот процес.