И компанија од ОАЕ заинтересиранa за купување на Лукоил

Меѓународната холдинг компанија IHC од Абу Даби, на чело со шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан, потврди дека е заинтересирана за купување на странските средства на руската нафтена компанија Лукоил.

IHC е конгломерат со широко портфолио, кое вклучува енергетика, здравствена заштита, недвижности, земјоделство и рударство, како и глобални инвестиции во САД, Индија, Латинска Америка и Африка.

Компанијата од Абу Даби со тоа се придружи на листата на потенцијални купувачи, на која веќе се наоѓаат американските нафтени гиганти Exxon Mobile и Chevron, како и приватниот инвестициски фонд Carlyle, пренесува Ројтерс.

Заинтересираните страни можат да преговараат со Лукоил до 13 декември, а трансакциите бараат одобрение од Соединетите Американски Држави.

Лукоил поседува три рафинерии во Европа, удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Нигерија, како и стотици бензински пумпи низ целиот свет.