
Граничниот премин Евзони ќе биде затворен за сообраќај помеѓу 18 и 22 часот по грчко време, поради протестите на земјоделците, објави дописничката на МИА од Атина. Оваа мерка се спроведува и денеска, како и во изминатите денови.
На грчката страна на граничниот премин, веќе 19 дена се присутни над 300 трактори, паркирани од страна на земјоделците од областа Пеонија и градот Јаница. Блокадите се одвиваат секојдневно, но последниве денови се само во попладневните часови.
За време на четиричасовната блокада, сообраќајот ќе биде целосно прекинат за сите видови возила, вклучително и патнички и товарни. Единствен исклучок ќе бидат итни случаи.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, сообраќајот ќе биде прекинат четири часа, односно од 19 до 23 часот по локално време, и на преминот Ники (Меџитлија) за товарните возила.
За автомобилите, блокадата ќе трае два часа, од 20 до 22 часот, исто така по локално време.
Протести со блокади има и на други гранични премини, како што се Промахонас и Ексохи кон Бугарија, како и Кипи кон Турција, но тие се однесуваат само за камиони.
Земјоделците, по одржаниот состанок со претставници од над 50 синдикати од цела Грција, одлучија да ги продолжат своите активности и да ги заострат во наредните денови. Тие, уште еднаш, го одбија повикот од Владата за дијалог.
Попладнево, планираат на неколку часа да ги затворат и споредните патишта во близина на Лариса, во централна Грција. Таму, автопатот Солун-Атина е затворен веќе 20 дена.
Во близина на Солун, на истиот автопат, досега беше поставена блокада само во правец кон Атина. Од денеска, за следните пет дена, ќе биде затворен и делот од автопатот што води кон Солун.
Земјоделците истакнуваат дека не сакаат нивните протести да претставуваат пречка за патувањата на граѓаните за време на божиќните празници. Во вторник, тие ќе одржат нов состанок за да донесат одлуки во врска со Божиќ.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, со поставени над 60 блокади на територијата на цела Грција.
Грчките земјоделци бараат: итна исплата на сите заостанати долгови од страна на државата; гарантирани минимални цени кои ќе ги покриваат производните трошоци; намалување на производните трошоци; надомест на изгубениот приход за 2025 година за сите производи чии цени паднале под производните трошоци; запирање на масовниот увоз и лажно прикажување на странски земјоделски производи како домашни; итно двојно зголемување на земјоделските пензии.
Дополнително, во однос на скандалот со ОПЕКЕПЕ, односно скандалот со европските земјоделски субвенции, тие бараат украдените средства да бидат вратени и прераспределени на вистинските корисници. Бараат земјоделците да не ги плаќаат казните, како и да се утврди политичка и кривична одговорност, а имињата да бидат јавно објавени.
Министерот за земјоделство на Грција, Костас Циарас, во понеделникот ги повика земјоделците на дијалог и остави отворена можноста за нови мерки за поддршка. Сепак, одговорот од земјоделците останува негативен на поканата за средба.














