Долгорочна суспензија за „Жито Караорман“: Македонска берза изрече казна за кичевската компанија

Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје донесе одлука за изрекување на мерка долгорочна суспензија од котација за издавачот „Жито Караорман“ АД Кичево. Казната доаѓа како резултат на континуираното неисполнување на обврските на компанијата пропишани со Правилата за котација.

Суспензијата стапува на сила од утре (23 декември) и ќе трае најмалку 30 дена, односно сè додека компанијата не ги отстрани причините поради кои е казнета.

„За времетраењето на долгорочната суспензија од котација издавачот Жито Караорман АД Кичево не го губи статусот на котирано друштво, но е должен во односите со трети лица и во јавноста да истакнува дека е долгорочно суспендиран од котација на Берзата. Воедно, за времетраење на мерката долгорочна суспензија, Жито Караорман АД Кичево нема постојани обврски за известување согласно Глава VI од Правилата за котација.

За времетраење на мерката долгорочна суспензија, хартиите од вредност издадени од Жито Караорман АД Кичево се тргуваат на Редовниот пазар на Берзата, на подсегментот Слободен пазар, при што за издавачот важат законските обврски за известување за тој подсегмент.

Со донесената Одлука за долгорочно суспендирање од котација се укинува Заклучокот од 26.05.2025 година за внесување на Жито Караорман АД Кичево на Листата за набљудување и врз основа на тоа издавачот се брише од Листата за набљудување“, извести Македонска берза .