Аеродромски Оскари 2025: Кои аеродроми нудат најдобра услуга

Врз основа на анкети на повеќе од 700.000 патници, Мадрид, Рим, Копенхаген и Виена се издвојуваат по квалитетот на услугата, додека најлесното поминување низ процедурите беше овозможено од аеродромите во Измир, Барселона и Милано.

Освен ако не сте еден од оние кои сакаат да ја „тестираат теоријата за аеродроми“, меѓународното патување речиси неизбежно вклучува многу време поминато во чекање, пред портите за качување или во други аеродромски области. Тоа искуство е често клучно за остатокот од патувањето, поради што  има аеродроми што  патниците ги сакаат, но и такви што би ги избегнале по секоја цена.

Сега, Меѓународниот совет на аеродроми (ACI World) ја објави листата на аеродроми со најдобра услуга за патници во светот за 2025 година. Врз основа на анкети на повеќе од 700.000 патници, вкупно 100 аеродроми ширум светот се наградени на ASQ Customer Experience Awards 2025, во категории како што се Најпосветен персонал, Најлесно патување на аеродром, Најпријателски аеродром и Најчист аеродром.

Доделени се и посебни награди за искуството на патниците при полетување и пристигнување.

– Аеродромите покажуваат дека задоволството на патниците може да расте и покрај зголемените притисоци – рече извршниот директор на ACI World, Џастин Ербачи.

Најдобрите аеродроми во Европа според квалитетот на услугите во 2025 година

Во категоријата најдобри аеродроми за поаѓање, победниците се поделени според бројот на патници што ги опслужуваат годишно. Во групата аеродроми со повеќе од 40 милиони патници годишно, два европски аеродроми добија признание: Адолфо Суарез Мадрид-Барахас и Рим Фјумичино.

Аеродромот во Мадрид е петтиот најпрометен во Европа, додека Римскиот е осмиот според бројот на патници. Аеродромите во Копенхаген, Виена и Цирих беа наградени во категоријата од 25 до 40 милиони патници. Во групата аеродроми со 15 до 25 милиони патници, аеродромите во Гран Канарија, Хелсинки и Прага добија пофалби.

Сепак, ниту еден европски аеродром не беше рангиран меѓу најдобрите за искуството со пристигнување на патниците оваа година.

Аеродромите со наједноставни и најлесни процедури за поминување се: Измир Аднан Мендерес во Турција, Јозеп Тарадељас Барселона-Ел Прат, Милано Линате, Реус во Шпанија, Рим Фјумичино, Меѓународниот аеродром во Скопје во  Македонија и Меѓународниот аеродром Шота Руставели во Тбилиси, Грузија.

Наградите ја вклучуваат и Листата на извонредност на извршниот директор на ACI World, признание што им се доделува на аеродромите што обезбедуваат исклучително квалитетна услуга за патници пет години по ред. Меѓу овогодинешните добитници се аеродромите Анкара Есенбога, Измир Аднан Мендерес и Њукасл.

Како се доделуваат наградите Програмата ја води ACI World, меѓународната асоцијација на аеродроми, а наградите се базираат на анкети спроведени директно на аеродромите. Патниците се избираат случајно на портите за поаѓање и пристигнување, каде што одговараат на прашања за целото искуство – од пријавување и безбедносни проверки, до купување и понуди за храна и пијалоци. Сите анкети ги спроведуваат теренски соработници сертифицирани во програмата ASQ, а аеродромите мора да ги исполнат минималните квартални критериуми за примероци за да бидат подобни за наградите.