
Гасниот гигант „КатарЕнерџи“ ги информираше клиентите во соопштение за „виша сила“ дека нема да може да ги снабдува со течен гас според договорените услови, сигнализирајќи можна пожестока трка за изворот на енергија меѓу купувачите во Европа и Азија.
Во понеделник, компанијата објави дека го прекинала производството на течен гас поради „воени напади“ врз објектите во индустриските градови Рас Лафан и Месаид.
Во тоа време, менаџментот не посочи кога треба повторно да почнат со работа.
Катарското Министерство за одбрана неколку часа подоцна извести за упадот на два беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нивни цели биле резервоар за вода во електраната во Месаид и енергетски објект во сопственост на „КатарЕнерџи“ во Рас Лафан.
– Надлежните органи темелно ќе ги проценат штетите и загубите предизвикани од нападот, а официјалното соопштение ќе биде објавено подоцна, цитираше Ал Џезира соопштение од катарското Министерство за одбрана.
Во среда, „Катар Енерџи“ прогласи „виша сила“, информирајќи ги клиентите дека не може да ги снабдува со течен гас според договорените услови. Неименуван извор веќе во понеделник изјави дека компанијата се подготвува да прогласи виша сила.
Катар произведува приближно една петтина од светскиот течен гас и е втор меѓу водечките светски извозници, зад САД. Дури 82 проценти од гасот на Катар го купуваат клиенти од Азија.
Прекинувањето на испораките сега ќе ја засили конкуренцијата за купувачи за течен гас, бидејќи европските купувачи сега ќе се натпреваруваат со оние од азиските земји.
Во меѓувреме, ЕУ го суспендираше увозот на руски гас преку цевководи и планира да ја запре и набавката на течен природен гас (LNG). Во моментов, тие купуваат гас главно од САД, Норвешка и Катар.











