
Најновите вести од BMW веројатно ќе ги скршат срцата на многу фанови на брендот. Во интервју за австралиската платформа Carsales, Франк ван Мил, извршен директор на М дивизијата на BMW, објави дека иднината на рачниот менувач е неизвесна:
– Од техничка гледна точка, рачниот менувач навистина нема смисла.
BMW е свесен дека некои клиенти сè уште претпочитаат директност во возењето, нагласува Франк ван Мил, и ќе го задржи рачниот менувач во понуда уште неколку години. Особено во случај на спортски автомобили од М дивизијата на BMW, каде што перформансите и ефикасноста се од најголема важност, автоматските менувачи обично се подобро и поедноставно решение. Современите автоматски менувачи и менувачите со двојна спојка ги менуваат брзините побрзо, се поефикасни и полесно се интегрираат во новите концепти на погон. Иако рачните менувачи во моментов сочинуваат околу 50 проценти од продажбата кај тековните модели како M2, M3 и M4, тоа не го менува еднонасочниот пат што го зел BMW , пренесува ревија ХАК.
– Во иднина, ќе биде доста тешко да се развиваат нови менувачи бидејќи пазарниот сегмент е доста мал, а добавувачите не се особено заинтересирани за такви работи – објасни ван Мил во интервју за Carsales.
Со други зборови, пазарот за рачни менувачи сега е толку мал што нема смисла добавувачите да развиваат нови модели.











