
Европската унија предупреди дека стапката на инфлација би можела да надмине 3 проценти оваа година ако војната на Блискиот Исток ги одржи цените на нафтата од типот Брент околу 100 долари за барел, а цените на гасот повисоки подолг период.
Во такво сценарио, економскиот раст во 2026 година би бил и за 0,4 процентни поени помал од прогнозата од 1,4 проценти на крајот од минатата година, изјави шефот на економијата на ЕУ, Валдис Домбровскис, во разговор со министрите за финансии на земјите-членки, според „Блумберг њуз“.
Покрај цените на нафтата, се претпоставува дека европските цени на гасот ќе бидат околу 75 евра за мегават-час до крајот на годината, што значи дека инфлацијата би била за 0,7-1 процентен поен над 2,1 процент претходно проектирани за 2026 година.
Значителен пораст на инфлацијата би можел да ја принуди Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки оваа година.











