Николоски: Долгорочните работни визи се решение за транспортерите

Решението за транспортните компании ќе биде насочено кон издавање на долгорочни работни дозволи, кои треба да обезбедат регулиран престој за сите наши превозници што влегуваат во Шенген зоната, независно дали станува збор за товарен или патнички транспорт. Ова го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

„Швајцарија веќе издава такви дозволи за македонските превозници, Хрватска најави дека во моментов има законска постапка за усвојување на соодветен закон во хрватскиот Сабор, и работиме координирано со Министерството за надворешни работи и со Министерството за внатрешни работи, и во координација со премиерот да уште неколку држави прогласат вакви дозволи за македонските превозници, што ќе значи комплетно решавање на проблемот“, рече Николоски.

Тој истакна дека секој четврток се одржуваат состаноци на техничко ниво за надминување на ова прашање, пренесе МИА.

„Откако на наш притисок, не само од Македонија, туку и од целиот регион, Европската комисија предвреме ја објави визната стратегија, секој четврток има состаноци на техничко ниво, каде што учествуваат експерти од Македонија и разговараме за изнаоѓање на решение.

Гледам дека соседните држави тоа го искористуваат во медиумите, ние решивме да бидеме конструктивни и да работиме и не мислам дека начинот за да се реши овој проблем е начинот којшто го применуваат соседните држави преку постојано информирање на јавноста, и на една естрада која се случува, туку ова се работи во канцеларија, со документи, со аргументи и тоа е начинот на којшто ние работиме и затоа уште еднаш ќе апелирам да гледаме ние да си го решиме нашиот проблем, а што ќе прават Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина е нивен проблем, и драго ми е што нашите превозници тоа го сфатија и што заеднички работиме на решенија за македонските превозници“, рече Николоски.

Потсети дека системот стапува во сила во април, за превозниците од Македонија ќе биде одложен до крај на септември, а дотогаш, рече Николоски, треба да биде обезбедено ова решение.