Нафта од итните резерви на Меѓународната агенција за енергија набрзо на светскиот пазар

Нафтата од резервите за итни случаи на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) наскоро ќе почне да пристигнува на светските пазари, бидејќи земјите-членки ветија дека ќе стават на располагање вкупно 411,9 милиони барели, објави  агенцијата.

Владите ветија дека ќе обезбедат 271,7 милиони барели нафта од државните резерви, 116,6 милиони барели од задолжителните резерви на нафтената индустрија и 23,6 милиони барели од други извори, се вели во соопштението, пренесува Ројтерс.

Се додава дека 72 проценти од планираните количини ќе бидат во форма на сурова нафта, додека 28 проценти ќе бидат нафтени деривати.

Резервите од земјите во Азија и Океанија ќе бидат достапни веднаш, додека залихите од Европа и Северна и Јужна Америка ќе бидат достапни кон крајот на март, пренесува Танјуг.