Цените на нафтата нагло растат -скокнаа за повеќе од 40%

На лондонскиот пазар, цената на барелот порасна за околу 10 проценти минатата недела, на 103,14 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот порасна за околу 8 проценти, на 98,70 долари.

Така, продолжи силниот раст на цените на „црното злато“, кои скокнаа за повеќе од 40 проценти од почетокот на нападот на САД и Израел врз Иран пред две недели. На почетокот на минатата недела, цените се приближија до нивото од 120 долари, но подоцна се лизнаа од тоа ниво.

Тоа е последица на ескалацијата на кризата на Блискиот Исток. Иако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи победа, Иран продолжува да ги напаѓа соседните земји и не дозволува извоз на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно поминуваат околу 20 милиони барели или околу 20 проценти од глобалната потрошувачка на нафта.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави дека ова е најголемото нарушување на снабдувањето во историјата и одлучи нејзините членови координирано да пласираат 400 милиони барели нафта од стратешките резерви на пазарот.

Благодарение на ова, цените на нафтата донекаде се стабилизираа, но сè уште се движат на покачено ниво.