Водата може да стане клучен проблем на Блискиот Исток

Нафтата и гасот може да бидат срцето на економијата во земјите од Заливот, но водата може да биде и прашање на преживување.

Со ескалацијата на војната со Иран, се зголемуваат и стравувањата дека некој би можел да го таргетира највредниот ресурс во регионот – водата, со што ќе ја загрози нејзината достапност. Нејзината загриженост не е единствена; расте стравот низ целиот Залив дека постројките за десалинизација, клучни за животот во пустинските земји, би можеле да станат цел во конфликтот, пишува CNN.

Земјите од Заливот, вклучувајќи ги и ОАЕ, се исклучително зависни од десалинизацијата – процесот на претворање на морската вода во вода за пиење. Токму оваа технологија овозможува постоење на луксузни терени за голф, водни паркови и скијачки центри во средината на пустината, но во исто време претставува растечка стратешка слабост.

Бахреинските власти во неделата објавија дека ирански дрон оштетил постројка за десалинизација, иако снабдувањето со вода не било прекинато. Нападот се случи откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги обвини САД за напад врз објект на иранскиот остров Кешм, што го нарече „опасен потег“ што погоди 30 села. САД негираа каква било вмешаност.

Оваа очигледна размена на оган ја истакнува опасноста за стотици постројки за десалинизација во Заливот, кои снабдуваат вода за пиење за околу 100 милиони луѓе. Иако Иран сè уште добива поголем дел од својата вода од реки и подземни извори, Заливот има многу малку природни слатководни ресурси. Некои земји, како што се Кувајт, Оман и Бахреин, зависат од десалинизацијата за речиси целата вода за пиење.