
Германската „Комерцбанк“ во среда објави дека ја отфрлила понудата од италијанската банка „Уникредит“ за преземање, проценето на околу 35 милијарди евра, нагласувајќи повторно дека сака да биде независна.
Извршниот директор на „Уникредит“, Андреа Орсел, во среда изјави дека не ја исклучува можноста за подобрување на условите на понудата на банката за „Комерцбанк“ доколку разговорите за спојување дадат позитивен исход, додавајќи дека таквото сценарио е многу малку веројатно.
„Уникредит“ во понеделникот поднесе понуда за преземање на „Комерцбанк“, велејќи дека не сака да ја преземе контролата врз конкурент, туку да започне разговори за спојување.
Зборувајќи на конференцијата на „Морган Стенли“ во Лондон, Орсел рече дека главната цел на понудата е да се прекине парализата што следеше откако првичното стекнување на удел во конкурент од страна на „Уникредит“ во септември 2024 година предизвика негативни реакции во Германија.
„За нас, главната цел на оваа понуда е да се прекине застојот. Ситуацијата во која сите се наоѓаме во последните 18 месеци е неоптимална за сите“, рече Орсел.
Орсел рече дека условите на понудата би можеле да се подобрат ако дијалогот доведе до „исход со кој сите заинтересирани страни ќе се чувствуваат удобно“ и ќе се справи со загриженоста на „УниКредит“ „во однос на областите каде што би требало да се подготвиме да ги пополниме празнините“.
„Врз основа на тоа, можеме ли повторно да ги разгледаме условите на понудата, кои потоа би станале нешто сосема друго? … Секако дека можеме“, рече тој.
„Во моментов… ова не е сценарио што го разгледуваме“, додаде тој.











