Трка со времето: Европа има три седмици да избегне криза со авио-гориво

Европските аеродроми може да се соочат со „системски“ недостаток на авио-гориво, доколку пловниот сообраќај низ Ормутскиот Теснец не се стабилизира во наредните три седмици, предупреди организацијата „АЦИ Европа“ (ACI Europe), според информации пренесени од „Фајненшл тајмс“.

Во писмото испратено до европскиот комесар за транспорт, Апостолос Цицикостас, организацијата наведува дека резервите на гориво се во опаѓање, додека воените дејства дополнително го отежнуваат снабдувањето.

Ако не се обезбеди непречен проток низ Ормутскиот Теснец , недостигот може да стане реалност низ целата Европска Унија.

Загриженоста е зголемена пред почетокот на летната сезона, период кога воздушниот сообраќај е од витално значење за туризмот и економиите на многу европски држави.

„АЦИ Европа“ повика на воспоставување заеднички механизам за надгледување на снабдувањето на ниво на ЕУ, предупредувајќи на сериозни економски импликации.

Поради зголемените трошоци, некои авиокомпании веќе го намалуваат бројот на своите летови.

„Делта ерлајнс“ објави намалување на својот капацитет за 3,5%, додека „Ер Њу Зеланд“ и полскиот „ЛОТ“ исто така ги ограничуваат своите линии и разгледуваат можност за повисоки цени на авиобилетите.