ЕУ има керозин за пет месеци снабдување на европските аеродроми

Холандската и португалската влада во одделни изјави во понеделникот посочија доволно снабдување со керозин на европските аеродроми, истакнувајќи ги залихите од стратешките резерви и домашното производство.

Според проценките на холандската влада, Европската Унија може да ја снабдува својата економија со доволни количини керозин за приближно пет месеци, благодарение на домашното производство и стратешките резерви.

Неколку водечки европски рафинерии се наоѓаат во пристаништето Ротердам во Холандија, забележува Ројтерс.

Снабдувањето со керозин во Холандија, пишува Хина, моментално е на 78 проценти од нормалното ниво, наведе владата во писмо до парламентот во понеделник, истакнувајќи дека увозот во голема мера е суспендиран.

На крајот на март, Европа почна да пласира на пазарот 73 милиони барели нафтени производи и околу 35 милиони барели сурова нафта, како дел од одлуката на членовите на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Европските влади објавија ослободување на 32,7 милиони барели нафта и нафтени производи од стратешките залихи, а компаниите 74,7 милиони барели, објави ИЕА.

Приближно две третини од продадените барели, или 73 милиони барели, се нафтени производи, а останатите 35 милиони барели се сурова нафта.

Минатиот четврток, извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, изјави дека Европа може да има керозин уште шест недели, што би значело дека може да снема до крајот на мај.

Доколку прекините во снабдувањето поради конфликтот на Блискиот Исток останат на сегашните нивоа, европското производство во комбинација со залихите од стратешките резерви на нафта и нафтени производи треба да покрие „неколку месеци“ побарувачка, проценува холандската влада.

Според таа проценка, керозинот ќе биде доволен за пет месеци, а дизелот и бензинот за повеќе од една година, под претпоставка дека резервите ќе се искористат во целост и ќе се пренасочат на друго место.