
Министерството за финансии останува посветено на градење поотпорен, постабилен и поефикасен систем на јавни финансии. Унапредувањето на фискалната рамка е во интерес на економската стабилност и долгорочниот развој на државата. Ова го порача министерката за финансии на стручна расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија”, во организација на Фискалниот совет.
„Современото управување со јавните финансии бара долгорочна визија, јасни правила и институционална стабилност коишто овозможуваат предвидливост, дисциплина и одговорност во носењето на одлуките.Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила”, истакна министерката.
Таа посочи дека денешната расправа се одвива во фазата на усвојување на Фискалната стратегија за период 2027-2031 година како клучна рамка за среднорочното управување со јавните финансии.
„Оваа стратегија е резултат на јасна определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните средства во услови на зголемени глобални ризици, енергетска нестабилност и потреба од зачувување на макроекономската стабилност. Таа има за цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален пат, без да се наруши економската активност и социјалната сигурност на граѓаните”, рече Димитриеска-Кочоска и додаде дека со неа во периодот до 2031 година е предвидено постепено намалување на буџетскиот дефицит и негово светување на ниво од 2,8%.
Според неа тоа претставува јасен сигнал за определбата за постепена фискална консолидација и усогласување со европските фискални стандарди, како и за зајакнување на кредибилитетот на фискалната политика.
Таа појасни дека во насока на постигнување на овие цели, Владата ќе спроведува континуирани мерки и на приходната и на расходната страна на буџетот, со цел да се обезбеди одржливост, ефикасност и поголема транспарентност во управувањето со јавните финансии.
Министерката ја истакна и улогата на Фискалниот совет во креирањето на фискаланта политика преку своите анализи и мислења.
„Министерство за финансии, ја гледа оваа улога како важен партнерски елемент во креирањето на фискалната политика. Независната експертиза и критичката анализа ја прават политичката одлука поинформирана, поквалитетна и поодржлива”, посочи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.














