Што е хантавирус? Смртоносната болест која го погоди холандскиот крузер

Три лица починаа, а уште три се разболеа по наводна епидемија на хантавирус, кој се пренесува преку глодари и може да предизвика фатална респираторна болест, на холандски крузер, објави Ројтерс, повикувајќи се на неделни изјави од државните власти и медиумски извештаи.

Холандската туристичка компанија „Оушнвајд експедишн“ објави во соопштение дека „управува со сериозна медицинска ситуација“ на бродот на поларната експедициска мрежа „МВ Хондиус“, кој се наоѓа покрај брегот на Капо Верде, островска нација во Атлантскиот Океан западно од африканскиот континент.

Појава на вирус

Крузерот исплови од Аргентина пред околу три недели со околу 150 патници и застана на Антарктикот и на други локации на пат кон Капо Верде, според медиумските извештаи.

Портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи потврди дека двајца холандски патници се починати, без да даде дополнителни детали.

Светската здравствена организација (СЗО) во соопштение на X изјави дека еден од болните патници е на единицата за интензивна нега во Република Јужна Африка. „Скај њуз“ објави дека патникот бил британски државјанин, повикувајќи се на соопштение од Министерството за здравство на Јужна Африка.

СЗО објави дека истражува епидемијата на вирусот. Лабораториските тестови потврдија дека едно од шест болни лица е заразено со хантавирус, објави агенцијата.

„Оушнвајд експедишн“ објави дека властите на Капо Верде не дозволиле истовар на патници на кои им е потребна медицинска помош и дека холандските власти се обидуваат да организираат репатријација на двајца патници со симптоми на болест и телото на еден од починатите патници.

Што е хантавирус?

Хантавирусот се шири кога честички од урина и измет од глодари го контаминираат воздухот, на пример, по чистење на области каде што имало глувци. СЗО забележува дека вирусот се шири преку контакт меѓу луѓето само во ретки случаи.

Болеста започнува со симптоми слични на грип кои можат да доведат до срцева и белодробна инсуфициенција, при што околу 40 проценти од случаите завршуваат со смрт, забележа Ројтерс, повикувајќи се на податоци од американските Центри за контрола на болести.

Нема специфични лекови за хантавирус, па затоа терапијата е фокусирана на поддржувачка нега, вклучително и вентилатори во тешки случаи.

„СЗО помага во координацијата меѓу земјите-членки и операторите на бродови во медицинската евакуација на двајцата патници кои имаат симптоми (на болест), како и во проценката на ризиците по јавното здравје и поддршката за преостанатите патници на бродот“, соопшти СЗО.

Британското Министерство за надворешни работи и Министерството за здравство на Јужна Африка не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за ситуацијата.

Фото: Pixabay