
Силен земјотрес со јачина од 7,1 степени по Рихтер што ја погоди јужна Јапонија оваа недела, при што загинаа 34 лица, го запре производството во неколку фабрики за автомобили и полупроводници.
Производителите очекуваат прекините да бидат многу помали отколку по катастрофалниот земјотрес во 2016 година.
Тојота Мотор Корп. го прекина производството во четири фабрики, вклучувајќи ги и фабриките што произведуваат луксузни модели на Лексус, хибридни погонски склопови и мотори, најмалку до 5 август, објави Ројтерс.
Нисан Мотор Ко. и Мицубиши Моторс Ко., исто така, делумно го прекинаа производството поради доцнења во испораките на делови.
Аисин Ко., еден од најголемите добавувачи на автоделови во светот, соопшти дека овој пат избегнала сериозна штета благодарение на мерките за спречување на земјотреси воведени по катастрофата во 2016 година.

Земјотресот ја погоди и јапонската индустрија за чипови.
TSMC почна постепено да ја рестартира својата фабрика во Кумамото, град на јапонскиот остров Кјушу, но предупреди дека ќе биде потребно време за да се завршат сите безбедносни проверки и калибрации на опремата.
Јапонскиот производител „Ренесас електроникс“ планира постепено да го обнови производството од 5 август, додека „Сони груп“ очекува фабриката да се врати со полн капацитет до средината на месецот.
Производителот на опрема за чипови „Токио електрон“ исто така се подготвува да го обнови производството следната недела.
Аналитичарите велат дека јапонските компании, благодарение на нивното искуство со честите земјотреси и пандемијата, значително ја подобриле отпорноста на своите синџири на снабдување со диверзификација на добавувачите.
Глобалната електронска индустрија сè уште би можела да ги почувствува ефектите од земјотресот во регионот Кумамото, честопати наречен „Јапонската силиконска долина“ поради високата концентрација на производители на чипови, предупредува британската агенција.











