Евростат: Македонија со најголем раст на минималната плата во периодот од јануари до јули годинава

Новите податоци на Евростат за втората половина од 2026 година покажуваат дека само осум од 29 европски земји го зголемиле бруто минималниот износ од јануари, додека инфлацијата во истиот период во еврозоната изнесувала 3,2 проценти. Рангирањето на земјите според нивото на минималната плата значително се менува кога се зема предвид реалната куповна моќ, пишува „Euronews“.

Новите податоци на Евростат за втората половина од 2026 година покажуваат дека само осум од 29 европски земји го зголемиле бруто минималниот износ од јануари, додека инфлацијата во истиот период во еврозоната изнесувала 3,2 проценти. Рангирањето на земјите според нивото на минималната плата значително се менува кога се зема предвид реалната куповна моќ, пишува „Euronews“.

Евростат ги објави најновите податоци за минималната плата во државите од Европската унија и во земјите кандидати. Според стандардите за куповна моќ (PSS), најголем напредок бележат Македонија и Романија кај кои е забележан скок за осум места по што следи Србија која има напредок од пет места.

Македонија (1.142 ППС) и Србија (1.094 ППС) имаат повисок минимум по ППС од седум земји-членки, вклучувајќи ги Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.

Споредбата на номиналниот редослед и оној според куповната моќ открива значителни поместувања. Најголеми придобивки остварија Романија, која скокна за осум места, од 20-то на 12-то и Македонија, која исто така се искачи за осум места, од 24-то на 16-то. Србија напредуваше за пет места, а Хрватска и Бугарија за три места.

Од друга страна, најголем пад забележа Естонија, која падна од 16-то на 26-то место. Латвија, Чешка и Кипар паднаа за четири места. Пет земји-членки на ЕУ немаат законски пропишана национална минимална плата. Тоа се Италија, Данска, Шведска, Австрија и Финска.

Од јануари до јули 2026 година, само осум од 29-те земји што беа анализирани ја зголемиле минималната плата. Најголеми зголемувања биле забележани во Македонија (6,9%), Романија (6,8%) и Естонија (6,8%). По нив следуваат Белгија (5,8%), Грција (4,5%), Луксембург (2,5%), Франција (2,4%) и Холандија (1,9%). Во другите земји, износите останале непроменети.

Во Македонија минималната нето плата изнесува околу 26.046 денари, што ја става земјата при самиот крај на европската скала. Во споредба со соседството, Словенија е недостижна со над 1.250 евра бруто минималец, додека Хрватска и Црна Гора имаат значително повисоки загарантирани примања.