
Деловната клима во германската автомобилска индустрија значително се подобри во јули, благодарение на растот на новите нарачки од Германија и еврозоната, иако компаниите сè уште планираат да го намалат бројот на вработени, според извештајот објавен денес од Минхенскиот институт за економски истражувања (Ifo).
Вредноста на индексот што го мери расположението за бизнисот во германската автомобилска индустрија се зголеми од минус 21,6 поени во јуни на минус 15,6 поени во јули.
Очекувањата на компаниите за наредните месеци особено се подобрија, од минус 30,7 поени во април до речиси неутрални минус 0,1 поен во јули.
Експертите велат дека книгите со нарачки повторно се полнат, додека очекувањата за извоз се значително подобри отколку во претходните месеци, пренесува Танјуг.
Официјалните податоци за новите нарачки до мај, исто така, укажуваат на закрепнување, првенствено благодарение на поголемата побарувачка од Германија и земјите од еврозоната.
И покрај подобрените очекувања, производителите сè уште ја оценуваат својата моментална деловна состојба како лоша како и претходниот месец, а плановите за намалување на бројот на вработени остануваат на сила, соопшти Ifo на својата веб-страница.
Минхенскиот институт проценува дека дел од германската автомобилска индустрија би можел да има корист од растот на европските инвестиции во одбраната.
Некои производители на каросерии, електронски системи и компоненти произведуваат делови што се користат во воената индустрија, покрај автомобилите, па затоа зголемените трошоци за оружје би можеле да отворат нови деловни можности за тој сегмент од секторот.











