
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ ја намали прогнозата за овогодинешното работење и како причина ги наведе еднократните трошоци и ставки во вредност од 10 милијарди евра (11,5 милијарди долари).
Ова првенствено се однесува на уделот во производителот на луксузни спортски автомобили „Порше“, резервирањето средства за намалување на бројот на работни места и слабеењето на кинескиот пазар, објави „Ројтерс“.
Компанијата сега очекува нејзината маржа на оперативен профит да достигне еден процент оваа година, додека претходно предвидуваше опсег од четири до 5,5 проценти.
Акциите на „Фолксваген“ вчера паднаа за 5,6 проценти откако објавија нови очекувања.
Германскиот производител предупреди на „понатамошно влошување на пазарната средина“, како и на забрзано поместување на побарувачката кон електрични возила на батерии.
Затоа се намалени прогнозите за бизнисот на брендовите „Фолксваген“ и „Ауди“.
„Фолксваген“, кој покрај истоимениот бренд ги вклучува и „Ауди“, „Шкода“ и „Сеат“, се соочува со силна конкуренција од азиските производители, американски тарифи и стагнација на побарувачката во Европа.











