
Јапонската автомобилска компанија „Тојота Мотор“ проценува дека модернизацијата на фабриките би можела да ја чини трилион јени (6,4 милијарди долари) годишно од 2028 година, како дел од поинтензивната автоматизација и зголемениот фокус на роботиката.
Проценетиот износ на инвестицијата се однесува на „Тојота“, компаниите од групацијата и главните добавувачи, а модернизацијата би вклучувала воведување на индустриски роботи, автоматизација на логистиката и идна соработка меѓу луѓето и роботите во фабриките.
Најголемиот светски производител на автомобили, пишува Хина, објави дека ќе бидат потребни околу 400.000 роботи за да се започне со автоматизација на фабриките, но не прецизираа дали навистина ќе ги автоматизираат погоните или колку време ќе трае тој процес.
Наведената сума вклучува замена на машини, нови погони и хуманоидни и нехуманоидни роботи.
Производителите на автомобили се свртуваат кон роботиката за да ги намалат трошоците и да се справат со застарената инфраструктура и недостигот на работна сила. Според аналитичарите, таквата стратегија би можела да отвори можности за раст во секторот надвор од автомобилската индустрија.
Аналитичарите на Бернштајн веруваат дека зголемениот фокус на Тојота на роботиката би можел да го зајакне верувањето на инвеститорите дека имаат потенцијал за раст надвор од автомобилската индустрија.
„Очекуваме Тојота да објави сè повеќе и повеќе иницијативи во областа на роботиката во иднина“, напишаа тие во белешка од петок.











