
Индустриското производство во Соединетите Американски Држави се намали за 0,3 проценти во август, со што заврши серијата од седум последователни месеци раст, објавиja во петок Федералните резерви (ФЕД).
Повисоките цени на нафтата и каматните стапки би можеле дополнително да ја забават индустриската активност во САД до крајот на годината.
Падот беше неочекуван, бидејќи економистите очекуваа раст од 0,3 проценти.
Производството во јули се зголеми за 0,2 проценти, додека во август беше за 0,9 проценти повисоко отколку во истиот месец минатата година.
Трајните добра се намалија за 0,5 проценти, додека производството на моторни возила и делови се намали за 1,2 проценти, втор месец по ред.
Производството на компјутери и периферна опрема се намали за 1,4 проценти, а на полупроводници и сродни електронски компоненти за 0,1 процент, но беше зголемено за 12,4 проценти на годишно ниво. Производството на нетрајни добра остана непроменето, откако падна за 0,4 проценти во јули.
Растот на производството на текстил, облека и кожни производи го компензираше падот во производството на пластични и гумени производи, како и на производи од нафта и јаглен.
Вкупното индустриско производство во САД остана непроменето во август, по зголемувањето од 0,2 проценти во јули, додека на годишно ниво се зголеми за 1,4 проценти. Искористеноста на индустриските капацитети остана на 76,3 проценти, што е за 3,1 процентни поени под долгорочниот просек. Во преработувачката индустрија, искористеноста на капацитетите се намали за 0,3 процентни поени, на 75,7 проценти.
Во исто време, производството во рударството се зголеми за 0,1 процент, исто како и во јули, додека дупчењето на нафтени и гасни бунари се зголеми за 0,9 проценти, по зголемувањето од 5,2 проценти во претходниот месец. Производството во секторот за комунални услуги се зголеми за 1,8 проценти, по зголемувањето од 0,5 проценти во јули.











