
Повисокиот данок за сместување во Холандија не ги одврати туристите, а хотелите во јули беа домаќини на околу 3,36 милиони луѓе, од кои 1,715 милиони беа странски гости, што е речиси пет проценти повеќе отколку во истиот месец минатата година, покажаа новите податоци од Статистика Холандија .
Стапката на ДДВ за хотелите и одморалиштата беше зголемена во јануари од девет на 21 процент, поради што постоеше страв дека странските туристи би можеле да ја избегнат Холандија, објави денес „NL Times“.
Повеќето странски туристи во јули беа од Германија – 385.000 од нив, што е речиси девет проценти повеќе од претходната година.
Бројот на гости од Белгија се зголеми од 177.000 на 199.000, односно повеќе од 12 проценти.
Бројот на британски гости се зголеми за речиси шест проценти, на 166.000, додека бројот на француски посетители се зголеми за 78.000, или повеќе од пет проценти.
Растот е забележан и во холандските одморалишта, кои имаа еден од најпрометните летни месеци во последните години.
Бројот на ноќевања во јули се зголеми од 5,7 милиони на 6,5 милиони, додека бројот на ноќевања од гости од Германија се зголеми од 1,77 милиони на 1,89 милиони.
Домашните туристи, исто така, патуваа повеќе во земјата.
Холандските хотели примија 1,65 милиони домашни гости во јули, што е за 8,1 процент повеќе отколку во истиот месец минатата година.
Особено силен раст е забележан во одморалиштата, каде што бројот на ноќевања од страна на локалните гости се зголеми за 18,9 проценти, од 3,07 милиони во јули минатата година на повеќе од 3,65 милиони оваа година.











