
Европа се соочува со дефицит на гориво за авиони во четвртиот квартал од 2026 година, што ја принудува да се сврти кон далечни добавувачи како што е Јужна Кореја, покажува анализата заснована на податоци за испорака денес.
Консалтинг-фирмата „Енерџи аспектс“ предвидува дека Европа ќе има дефицит на керозин од 510.000 барели дневно во четвртиот квартал од 2026 година, додека во Азиско-пацифичкиот регион се очекува вишок од 419.000 барели, а во САД вишок од 18.000 барели дневно, објавува „Ројтерс“.
Пред почетокот на војната на Блискиот Исток, Европа покриваше околу половина од увозот на гориво за авиони од овој регион, а сега е принудена да го зголеми увозот од Нигерија, Соединетите Американски Држави, Канада, а неодамна и од Јужна Кореја поради прекини во синџирите на снабдување.
Увозот на гориво за авиони во Европа од Јужна Кореја достигна околу 129.000 барели дневно во септември, што е највисоко ниво од октомври 2022 година, според податоците од аналитичката компанија „Кплер“.
Јужна Кореја произведе речиси 13,89 милиони барели гориво за авиони во јули, најмногу во последните седум години, додека извозот достигна највисоко ниво во последните три и пол години.
Залихите на гориво за авиони во главниот европски центар за преработка и складирање Амстердам-Ротердам-Антверпен истовремено паднаа во неделата што заврши на 10 септември на најниско ниво во последните седум години, што дополнително ја влоши ситуацијата на пазарот.











