
Јужна Кореја очекува договорените испораки на графички процесори (GPU) на Nvidia да продолжат без прекин, и покрај контроверзноста околу извршниот директор на компанијата, Јенсен Хуанг, изјави заменик-министерот за наука на Јужна Кореја.
Заменик-министерот за наука и информатички и комуникациски технологии, Рју Џемјунг, му рече на парламентарниот буџетски комитет дека 10.000 графички процесори, финансирани од дополнителниот буџет за 2025 година, веќе се пристигнати и се во употреба.
„Очекуваме распоредот за производство и испорака на договорените количини да продолжи без тешкотии“, рече Рју, додавајќи дека министерството внимателно ги следи случувањата и разговара за цените и роковите со јужнокорејската подружница на Nvidia, Nvidia Korea.
Одборот на Nvidia во неделата објави дека започнал независна истрага по извештаите дека главниот извршен директор Јенсен Хуанг бил цел на кинеските разузнавачки служби, наводно преку неговата врска со бизнисменката Алис Хуанг.
Одборот соопшти дека нема причина да се верува дека националната безбедност на САД или трговските тајни на Nvidia се во опасност.
Самиот Хуанг изјави дека целосно ќе соработува во истрагата, објавува Хина.
Веста за контроверзноста се совпадна со откажувањето на посетата на Јужна Кореја од страна на ќерката на Хуанг, Медисон Хуанг, која е висок извршен директор во „Нвидија“.











