ДЗР: Ограничени ИТ капацитети и потреба од зајакнување на безбедносните контроли во Агенцијата за вработување

Со извршената ревизија утврдени се слабости во управувањето со ИТ системот и примената на безбедносните мерки и контроли во Агенцијата за вработување. Во Секторот за информатика се пополнети само 2 од 7 систематизирани работни места, во последните три години не се реализирани обуки за ИТ кадарот, а утврдена е и потреба од унапредување на контролите за заштита на информациите, резервно копирање и обновување на податоците и обезбедување континуитет на ИТ системот.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на темата „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување“, со цел да даде одговор на прашањето „Дали имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е ефективна во обезбедување на соодветна заштита на информациите и ИТ ресурсите?“

Со спроведената ревизија, беше опфатен периодот од 2021 до 2024 година, при што се  стекна разумно уверување дека имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е со слабости кои го загрозуваат целокупното ниво на ефективна заштита на информациите и ИТ ресурсите.

Во делот на ИТ управувањето, ревизијата утврди потреба од подобрување на стратешкото планирање, внатрешните политики и процедури, како и јакнење на човечките и техничките капацитети за управување со ИТ и информациската безбедност. Потребен е систематски пристап кон развојот на ИТ ресурсите, континуирано унапредување на знаењата и вештините на вработените и воспоставување соодветни механизми за управување со ризиците од информациската безбедност.

Утврден е недоволен институционален капацитет за управување со информатичката технологија. Од вкупно седум систематизирани позиции во централниот Сектор за информатика, пополнети се само две, односно 28,57%.

Во делот на зголемување на знаењата и вештините на вработените, во последните три години не биле реализирани обуки за ИТ кадарот, а не постои ниту воспоставена и документирана програма за обука заснована на улогите и потребите на вработените.

Ограничените човечки капацитети и недоволното континуирано унапредување на знаењата претставуваат предизвик за навремено и систематско управување со ИТ и информациската безбедност.

Агенцијата користи интегриран електронски систем за управување со услугите за вработување, кој поддржува повеќе процеси поврзани со евиденции, посредување, активни мерки и исплата на надоместоци. ИТ инфраструктурата ја поддржува работата на централната локација и 29-те центри за вработување низ државата.

Имајќи го предвид значењето на системот за обезбедување на услугите од надлежност на Агенцијата, со ревизијата е утврдена потребата од унапредување на инвестирањето во ИТ ресурсите и обезбедување континуирано одржување на системите.

Во периодот 2020–2025 година, во Агенцијата се реализирани повеќе набавки поврзани со ИТ инфраструктурата, безбедносните системи и комуникациските услуги. Вкупната вредност на реализираните и тековните договори опфатени со анализата изнесува 171.231 илјада денари, односно 2,78 милиони евра.

И покрај реализираните инвестиции и набавки, ревизијата утврди дека постојат потреби за дополнително унапредување на ИТ ресурсите и обезбедување континуитет во нивното одржување.

Во анализираниот период, системот 293 дена, односно 15,7% од периодот опфатен со анализата на договорите за превентивно и адаптивно одржување, не бил покриен со договор за одржување.

 

Утврдени се слабости во управувањето со личните податоци, корисничките пристапи и мрежната безбедност, како и потреба од унапредување на процедурите и контролите за управување со пристапот до информациските ресурси.

Во делот на заштитата на личните податоци, утврдена е потреба од подобрување на механизмите за следење и контрола на пристапот, како и на постапките за чување, архивирање и бришење на податоците согласно законските рокови.

Утврдивме потреба од зајакнување на механизмите за резервно копирање и обновување на податоците, како и воспоставување и редовно тестирање на планови за континуитет на работењето. Редовното тестирање на можноста за обновување на податоците и воспоставувањето соодветни процедури се значајни за обезбедување континуитет на ИТ услугите и намалување на ризиците во случај на прекин или непредвиден настан.

Исто така, потребно е и унапредување на условите за физичка заштита на ИТ инфраструктурата и обезбедување соодветни мерки за заштита и непречено функционирање на ИТ опремата.

 

За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки за зајакнување на ИТ капацитетите и управувањето со ИТ, унапредување на безбедносните контроли и процедурите, како и подобрување на механизмите за резервно копирање, обновување на податоците и континуитет на работењето. Реализацијата на препораките треба да придонесе кон поефективно управување со ИТ ризиците и обезбедување повисоко ниво на заштита, стабилност и континуитет на информацискиот систем на Агенцијата.