Текстилните компании во земјава мора да работат на создавање сопствен готов производ и само така ќе држат чекор со конкуренцијата, сметаат претставници на текстилната индустрија во земјава.
„Малите компании со максимум 50 вработени мора побрзо и поинтензивно да работат на создавање сопствен производ, да им понудат готов производ на странските партнери. Тоа е начинот на кој што ќе можат и натаму да држат чекор со конкуренцијата“, истакна денеска Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија и конфекцијата при Стопанската комора на Македонија.
Зборувајќи за конкуренцијата, тој потенцираше дека таа доаѓа најмногу од соседните земји, Србија, Бугарија и Албанија.
„Бугарија има повисока продуктивност која што се темели на повисока автоматизација на производството поради користење софистицирана опрема, автомати за кроење и шиење, а тоа го прават со поддршка на државата“, рече Димитров.
Кога станува збор за постигнатите резултати во текстилната индустрија во изминатата година, може да се забележи раст во оваа гранка, но тоа не значи дека не излегла од кризата.
Позитивните трендови, според Димитров се резултат на заживување на економијата на најголемите трговски партнери на земјава, пред се на Германија, која што го зголеми бројот на нарачки.
„Во 2013 година текстилната индустрија во вкупниот извоз учествувала со 16,4%. Во однос на 2012-та бележи зголемување на производството на текстил за 79,8% и 13,7% во делот производство на облека. Извозот на текстилни производи е 701 милион американски долари од кои 77,6 милиони отпаѓа на текстилни ткаенини, а 624 милиони на готови производи“, рече Саше Деспотовски од Стопанската комора.
Во текстилната индустрија во Македонија се вработени околу 42.000 лица, а скоро целиот процес е сведен само на лон производство.