НЛБ ќе отпушта од вработените во Словенија и Србија

70

nlbНова љубљанска банка (НЛБ) поради тешката ситуација во која се наоѓа, до крајот на годината ќе мора да почне со процесот на реструктуирање, што подразбира и намалување на бројот на вработени, пред се во Словенија и Србија, изјави претседателот на НЛБ, Јанко Меѓа, јавува Танјуг.

“НЛБ веќе неколку години е во тешка ситуација и затоа направивме амбициозен план за реструктуирање, што ќе подразбира и намалување на бројот на вработени. Тоа нема да се однесува на сите земји во кои работиме, но ќе се однесува на Словенија и Србија, каде НЛБ има лоши резултати”, изјави Меѓа за Танјуг.

Според него, по деталната анализа направена кон крајот на 2013 година, било јасно дека во Словенија секој петти вработен во НЛБ банка, односно околу 20%, ќе останат без работа, додека за Србија се уште немаат проценки.

НЛБ веќе најави дека ќе ја затвора филијалата во Трст кон средината на 2015 година, како дел од нацрт планот за реструктуирање поднесен до Европската комисија.

На почетокот на март, оваа словенечка банка најави дека ќе затвора 22 филијали и преку 70 банкомати во Словенија, поради реорганизација и оптимизација на работењето. НЛБ во својата мрежа има 143 филијали и 638 банкомати.

Минатата година банката забележа загуба од околу 1,5 милијарди евра.