Поради сериозните проблеми, финскиот произведувач на мобилни телефони Нокиа ја продаде зградата во Еспо во која беше сместено седиштето, на финската Exillion Capital за 170 милиони евра. И покрај продажбата, компанијата нема да се сели, туку ќе остане во зградата под долгорочен наем, пренесува Блумберг.
Продавањето па закупувањето на имот стана вообичаена пракса на компаниите во потрага по капитал, но во исто време со тоа се бранат од потенцијални купувачи кои би можеле да им го купат бизнисот и да го продадат раситнет, како недвижнини.
Шефот на финансии во Нокиа, Тимо Ихамуотила изјави дека поседувањето имот не е дел од основната дејност на Нокиа. “Нокиа е подготвена да излезе од сите несуштински средства, кога ќе се покаже добра можност за тоа.”
Нокиа се обидува да врати дел од клиентите што ги изгуби во борбата со останатите произведувачи на паметните телефони. Во јуни компанијата ја продаде единицата за продажба на луксузни мобилни телефони Vertu на приватен шведски инвестициски фонд.
Во октомври Нокиа објави загуба, пет тримесечја по ред. На 30 септември компанијата регистрира оперативна загуба во износ од 576 милиони долари, а истовремено продажбата и падна за 19%.