Вкупно 200 делегати од 11 земји, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија и Турција на годинашната средба Тера Мадре Балкан во Дубровник дефинираат стратегија за заштита на традиционалните прехранбени производи од регионот.
“На над 120 уникатни производи од Балканот и Анадолија им се заканува опасност од исчезнување. Тие се дел од културата на локалните заедници кои како резултат на различни економски, политички и социјални причини се ранливи и не можат да го продолжат производството, велат учесниците на Тера Мадре.
Тера Мадре Балкан ја испраќа и пораката за заштита на руралното наследство, како и за огромното значење на младите во земјоделството.
Во рамки на манифестацијата денеска ќе се одржат две конференции, за поддршка на малите – семејни фармери и за заштитена географска ознака на производите. На првата ќе бидат презентирани флексибилните мерки во ЕУ регулативите со оглед на обвинувањата дека Унијата често донесува строги закони кои ги ограничуваат малите – семејни производители, на тој начин заканувајќи им се на локалните традиции и знаењата за занаетчиското производство на храна.
На втората, пак, ќе биде предочено дека повеќе од 1.400 производи имаат заштитена ознака за географско потекло во Европската унија, но само неколку од нив се од Балканскиот регион. Оваа конференција ќе го појасни процесот неопходен за воведување на географските ознаки преку примерите со мандарините од хрватската долина на Неретва и куленот од Барањскиот регион.
Суштински настан на Тера Мадре е Пазарот на фармери поставен во историскиот парк Градац. На пазарот има 32 штанда, најмалку по еден за секоја од единаесетте земји учеснички. Се презентираат претставници од 68 заедници на храна во Југоисточна Европа. Меѓу производите е и сирењето од Мавровско – реканскиот регион.
Посетителите на пазарот ќе може да ги пробаат и автохтоните хрватски сирења и млечни производи, т.н. шкрипавац сирење произведено од млеко од автохтоната раса говеда буша, сувото конусно сирење од Меѓумурскиот регион, козјото сирење од источна Славонија, како и препознатливото сирење Пашки сир од семејната млекарница од островот Паг.
Тера Мадре Балкан се одржува од 19 до 22 јуни. Главната цел е да се прецизираат следните чекори и алатки за заштита на традиционалните производи од исчезнување и помагање на локалните заедници на храна.
Годинава учествува и основачот и претседател на Слоу Фуд, Карло Петрини.