Интернет гигантот Google се подготвува за продажба на хуманоидниот робот кој може да трча, да се качува по скали и да вози автомобил. Последниот предизвик пред да започне продажбата на овој робот беше натпреварот по роботика DARPA.
Хуманоидниот робот HRP -2 беше дизајниран од јапонската компанија во сопственост на Google, Schaft. Уникатниот дизајн му овозможува на роботот да извршува комплексни задачи со голема леснотија, како што е искачување по скали, отворање на врати, па дури и возење автомобил.
Предизвикот на натпреварот DARPA, познат како Олимпијада на роботи, е сет од задачи чија цел е реакција на вештачки и природни катастрофи. Врвни тимови од роботиката се натпреваруваат меѓу себе со цел да конструираат робот што ќе може да им помогне на луѓето во итни ситуации.
Роботот што ќе победи добива награда од два милиони долари за понатамошен развој на технологијата, со цел да се примени во услови на вистинска катастрофа.
“Тимот на Schaft реши да се откаже од финалето. Тие решија да се фокусираат на развојот на нивниот прв комерцијален производ. Одлуката беше многу тешка, но тие тоа го прават исклучително добро, и ние сме навистина среќни што ќе имаат голем успех во комерцијалниот свет“, вели менаџерот на DARPA, Џил Прат.
DARPA започна да се организира по нуклеарната катастрофа што ја зафати Фукушима во 2011 година. Последиците од катастрофата значително можат да се намалат со користење на роботи што можат да влезат во области што се радиоактивни и опасни по здравјето на луѓето.
Овој робот не е единствениот технолошки пронајдок на Google, бидејќи интернет компанијата веќе го претстави електричниот автомобил без волан и педали за управување.