Мирјана Андреска избрана за нов претседател на КСС

57

Делегатите на Трет изборен конгрес, што денес се одржа во Скопје, одлучија Мирјана Андреска да биде новиот претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на Македонија.

Андреевска го замени досегашниот претседател на КСС, Раско Мишкоски, кој беше на оваа функција пет години.

“Ми доверивте огромна одговорност. Доследно ќе работам според програмата на Конфедерацијата и ќе дадам максимум од себе овие задачи и определби да ги зголемам во однос на подобрување на правата на секој работник во Република Македонија”, изјави Андреска пред 128 делегати на КСС.

Андрееска е член на потесното раководство на Синдикатот за образование, наука и култура и наставник во општинското основно училиште Владо Тасевски. Пред изборот таа вети дека КСС ќе биде место каде што сите синдикални организации ќе добијат безрезервна и целосна поддршка во решавање на сите прашања од синдикалното работење, место каде што активно ќе се учествува во разрешување на проблемите со кои се соочуваат работниците – членови на КСС и место каде што ќе се гради посилна и помоќна синдикална организација.

Питер Зајденек од Европската конфедерација на слободни синдикати им порача на синдикалните претставници “да ги отворат сивите кабинети и да го послушаат гласот на младите”.

Според него ова е еден повик за будење и сериозно размислување во однос на бројките кои се реални, а тоа е 53% невработени млади луѓе, околу 32% невработени граѓани во Македонија.

“Јасно е, луѓето се фрустрирани, на младите им е смачено и бараат решенија. Сто процентни воведени мерки за штедење не се решение, туку стопроцентна фрустрација. Потребни се промени и синдикатите мора да даваат реално издржани предлози. Не само да изградат ѕид на плачот, туку да дадат сугестии за излез од состојбата. Мора да бидеме обединети и не смееме да попуштиме. Помалку време и енергија треба да трошиме на внатрешните прашања, а да се посветиме на нашиот јасен непријател: сиромаштијата, ниското ниво на заштита на работничките права, невработеноста и перманентната борба за поголеми работнички права”, рече Зајденек.