Во далечната 1825 година, производителот на чоколади Филип Сушард отвори една мала слаткарница во местото Нојшател во Швајцарија, каде започна со продажба на рачно изработени десерти наречени chocolat fin de sa fabrique.
Сушард насети дека е добро да го прошири својот мал бизнис, па така следната година изнајми мелница за производството да оди малку побрзо. Со помош на хидрауличното тркало, тој започна да произведува околу 25 – 30 килограми чоколада дневно.
Во тоа време, чоколадата беше многу темна со горчлив вкус, затоа што во неа не се додаваше млеко. Дури кон крајот на 19 век, чоколадите на Сушард добија млечен вкус и така започна традицијата на вкусот што денес ни е познат на сите.
Брендот Milka официјално беше креиран во 1901 година од страна на неговите деца, комбинирајќи ги германските зборови за млеко и какао, Milch и Kakao, кои истровремено беа и основните состојки на чоколадите.
Вкусната чоколада која веднаш стана хит, беше завиткана во виолетово пакување на кое се наоѓаа крава и панорама од Алпите. До 1913 година, производството се зголеми за дури 18 пати.
Изгледот по кој и денес Milka е препознатлива, беше креиран во 1973 година од страна на Питер Шмидт, дизајнер во рекламната агенција Young & Rubicam. Името Сушард, кое дотогаш стоеше на пакувањето, беше целосно избришано.
Кравата Milka стана вистинска ѕвезда на телевизија, и до денес таа е еден од најуспешните ликови во светот на рекламирањето. Амбалажата е полн погодок токму затоа што во исто време кравата најдобро ги претставува домот на брендот и неговите карактеристики Алпите и Алпското млеко.
Во 1990 година американската мултинационална компанијата Kaft Foods, ги превзеде поголемиот број производи на Сушард, вклучувајќи ја и Milka.
Денес 114 години подоцна, вкусната чоколада се произведува на повеќе локации во светот: Германија, Австрија, Србија, Бугарија, Словачка, Романија, Костарика, Бразил, Полска, Украина, Белгија, Аргентина и од неодамна во Чикаго.
Освен оригиналото млечно чоколадо, производот денес има десетици различни вкусови, како Milka со лешници, карамел, кекс, орео, овошно полнење, тофу, јогурт, марципан, ориз, бело чоколадо и уште неколку комбинации на овие вкусови.
Палетата на различни вкусови постојано се зголемува, па така има Milka тортици, Milka топло чоколадо, Milka бонбони, Milka кекси, Milka сладолед, Milka ресани …
Бројката на продадени Milka чоколади во светот е 400 милиони, што е навистина импресивно. Брендот годишно заработува повеќе од една милијарда евра, додека бројката на продадени производи во еден час е 150.000 евра.
Таргетната популација на Milka се најмногу семејства со дечиња. Самото лого кое е рачно напишано асоцира на детство, мајчинска нежност, вредности кои ги промовира брендот.
Од 2008 година па наваму Milka, уште повеќе се шири на пазарот преку ко – брендирање. Daim, Philadelphia, Oréo, Crispello, Tassimo и од неодамна Tuc се брендовите со кои Milka ги здружи силите и претстави нова палета на производи.
Со тоа слатката приказна продолжува чекор понапред кон нови успеси и освојувања.