Во недела вести на МРТВ од студио со високо софистицирана опрема

219

Нов, светски изглед на дневникот, ново лого, нова генерација новинари, нова програмска шема… Македонската радио телевизија месецов ќе блесне на екраните во сосема ново руво! Покрај централен дневник со голем број на вклучувања во живо, на репертоарот на МРТ наскоро ќе се најдат и најгледаните серии, филмови и детска програма, од тинејџерски до легендарни серијали за возрасната популација. ТВ серии, кои го достигнаа врвот со својата гледаност насекаде во светот, конечно ќе започнат да се прикажуваат и на Македонскиот ТВ канал – МТВ. Тематиката на сериите не е случајно избрана, туку имаше за цел да го освои и погоди вкусот на секој гледач. Озборувачка, Натприродно, Менталист, Истрага на местото на злосторство; Лас Вегас, Мајами и Њујорк, Репортери, се само дел од новите наслови на МТВ.

“Искрено веруваме и се надеваме дека новите телевизиски ликови, емисии, квизови, серии, спортски настани, но и од корен сменетиот лик на Дневникот, ќе бидат вистински магнет за гледачите. Вложуваме многу труд и енергија за да го вратиме сјајот на националниот сервис. Поради таа цел ангажирани се сите расположливи капацитети на МРТ зајакнати со неколку нови имиња кои се истакнати професионалци во својата област. Со еден збор секој ден на МРТ ќе биде посебен за гледачите. Сигурен сум дека во програмата има понуда за секој гледач и оној што  е љубител на информативните емисии, оние кои сакаат повеќе да гледаат серии и оние кои се обожаватели на интерактивни шоу емисии“, истакна Марјан Цветковски, извршен директор на МРТ.

Подигнувањето на имиџот на националниот сервис, Цветковски го вброи во врвните приоритети на тековната агенда на тимот на МРТ. Оттаму откриваат детали за новото студио од кое ќе се емитува Дневникот, во кое ќе има елементи како во студијата на најпознатите светски медиуми! Покрај новите лица кои веќе се дел од новинарската и презентерската екипа, дел од Дневникот ќе бидат и вклучувања во живо, седум од земјава и три од странство. Најсовременото студио – единствено од овој тип на Балканот, квалитетниот новинарски кадар и ексклузивните содржини, за кратко ќе бидат дел од сечиј дом преку малите екрани! Исто така како голем приоритет ќе биде и враќање на програмата од сопствена продукција на екраните на МРТ како и враќање на сите лица кои допринеле за развој на МРТ.