Петтиот по ред Викенд медиа фестивал, најголем регионален фестивал за комуникации, се одржува во просториите на старата Фабрика за тутун во Ровињ, Хрватска. Се очекува на едно место да се соберат регионалните медиумски, маркетиншки и ПР-професионалци.
И оваа година на сцена ќе настапат многу угледни предавачи и панелисти од регионот, но и од светот. За иднината на вестите и демократијата ќе зборува Конор Вајт Саливан, директор на Хуф Пост Лабс. Тој е еден од предводниците на напорите преку заедницата на блогери да се промени класичниот пристап на вести, поради што доби и признание од американскиот претседател Барак Обама, а минатата година се најде на листата на магазинот Форбс за 30 највлијателни луѓе од 30 години.
Покрај Саливан, се очекува и предавањето на Габриел Денс, интерактивен уредник на британскиот весник Гардијан во Њујорк, кој ќе зборува за создавањето интерактивни вести. На овој настан ќе се отворат и теми за иновациите во медиумите, новите и старите маркетиншки концепти, секогаш присутната кризна комуникација, новите медиумски играчи…
Викенд медиа фестивал годинава дополнително го прошири опсегот на теми, па голем интерес се очекува за панелот наречен „Регија 3.0“, на кој своите ставови за економската политика и реиндустријализација ќе ги соочат првиот потпретседател на владата на Хрватска, Радомир Чачиќ, и претседателот на Управата на хрватскиот Телеком, Ивица Мудриниќ, кој е претседател на Националниот совет за конкурентност. Дали реиндустријализацијата воопшто е возможна, има ли можност за нова дигитална економија за целиот регион се само некои од прашањата на кои ќе одговараат Чачиќ и Мудриниќ.