Агенцијата за кредитен рејтинг Standard & Poor’s Ratings Services на редовната годишна ревизија во јули 2015 година им ја потврди оценката за долгорочен кредитен рејтинг А- (одличен) и кредитниот рејтинг на финансиска моќ А- (одличен) на Заваровалница Триглав и на нејзината фирма ќерка Позаваровалница Триглав Ре, а со тоа и на Групацијата Триглав. Агенцијата ја подобри среднорочната прогноза за двете друштва од “стабилна” на “позитивна”, се вели во соопштението на компанијата.
“Последната оценка на S&P за високиот кредитен рејтинг е потврда за водечката позиција на Групацијата Триглав на пазарите во Словенија и во регионот Адрија, моќниот и препознатлив бренд и добро развиената продажна мрежа. Дополнително, кредитниот рејтинг ги зема предвид високата профитабилност на работењето на Групацијата Триглав, солидната адекватност на капиталот и високиот степен на ликвидност“, стои во соопштението.
Агенцијата за кредитен рејтинг Standard & Poor’s Ratings Services, како што се наведува, проценува дека подобрувањето на економската ситуација во Словенија ќе влијае на словенечкиот пазар за осигурување, особено во доменот на здравствените и пензиските осигурувања.
“Врз основа на водечката положба на пазарот, добрите деловни прогнози, квалитетот на постоечкото портфолио, како и стабилното управување со ризици, агенцијата на Групацијата Триглав и определи позитивна среднорочна прогноза. Позитивната среднорочна прогноза ја изразува и веројатноста дека бонитетната агенција во следните две години ќе го подобри кредитниот рејтинг на Групацијата Триглав, доколку биде забележан дополнителен напредок на словенечкиот пазар на осигурување“, стои подолу во соопштението.