Адаптација на пазарот

192

Фото: Pixabay

Пред некоја вечер, застанав во ресторанот на ГАЛА КУЈНА кај ОКТА, бензинската на Партизанска, бидејќи сакав да си купам нешто од нивните готови јадење. Но, се изненадив дека не најдов готови јадења, туку го начекав персоналот како го менува целиот концепт и изглед на витрините и на менито.

Ми објаснија дека секој ден од 21:30ч навечер (па сè до 06:00 ч наутро) тие го менуваат концептот на ресторанот и менито го адаптираат на потребите и на барањата на купувачите. Многу правилен и интелигентен пристап во стратегија на работа. Нормално е дека готовите јадења најмногу се купуваат преку ден, за време на ручек и за вечера, но преку ноќ подобро функционира концептот на брза храна, сендвичи, пици и друга лесна за подготвување храна.

Ваков концепт, пред некоја година, за прв пат го видов во Амстердам. Едно мало ресторанче во центарот на градот, го менува концептот на работење во текот на годината. Во суштина, тие се продавница за домашен традиционален сладолед, но од октомври до март работат (се ре-брендираат целосно) како ресторан за традиционална холандска кујна, со неколку опции на традиционални рецепти.

Менувањето на стратегијата ја прават поради тоа што во есенско-зимскиот период, нормално, продажбата на сладолед опаѓа и затоа го менуваат со производи со поголем потенцијал за продажба. Нешто што може да го одржи бизнисот надвор од сезоната за сладолед.

Овие два бизнис концепта, за мене се импресивни од аспект на стратегија и како треба да се адаптира секој бизнис на потребите и на навиките на пазарот, т.е. купувачот. Доколку не се адаптираме на пазарот, не се водиме според нашиот купувач и не сме флексибилни во стратегијата, новите промени, новиот купувач и неговите навики, може да ни направат проблем во нашиот бизнис. Тоа се случи во 2008-та, после големата финансиска криза, со многу ригидни и масивни компании кои не сакаа да се адаптираат на промените и претрпеа огромни загуби или го затворија својот бизнис.

Што значи да бидете флексибилни или да се адаптирате на ситуацијата на пазарот?

    1. Познавање на пазарот: познавање на трендовите, познавање на политичката и на економската состојба, конкуренцијата, познавање на вашата понуда, технички можности итн. Сето ова значи, имање на правилна стратегија. Нешто, со што голем број компании во Македонија не можат да се пофалат.
    2. Познавање на купувачот: секој бизнис работи во функција на своите купувачи. Доколку не ги познавате и ги следите навиките, потребите, желбите на вашите купувачи, вашиот бизнис на долг рок може да биде загрозен. Нормално, најдобар начин како најдобро да го запознаете вашиот купувач е преку спроведување на истражувања. И тоа, на редовна база.
    3. Отвореност: кон промени, кон совети, кон она што се случува околу вас. Познавам голем број на менаџери, кои поради својата суета или голема затвореност се многу тврдоглави и не сакаат да воведат некои новини кој може да бидат продуктивни за нивниот бизнис.
    4. Љубопитност/знаење: бидете љубопитни, интересирајте се за новите трендови, промени, случувања во вашата микросредина, а и пошироко. Учете од вработените, конкуренцијата, успешните луѓе, читајте книги и постојано едуцирајте се како да го развиете и да го подобрите вашиот бизнис.
    5. Креативност: и на крај, со цел да ги употребите, односно материјализирате некои од советите или триковите што сте ги научиле, не е само да ги ископирате. Најважно е, да ги адаптирате на ситуацијата и во релација на стратегијата која ја имплементирате. За тоа ви е потребна креативност во работењето.Со успех во промените.