Ахметов е најголемиот губитник меѓу украинските олигарси

68

Претпоставката за интеграција на Украина во Европската унија е да се потисне корупцијата и да се намали влијанието на олигарсите врз политиката. Војната сега им го уништува имотот. Како ќе се однесуваат во иднина?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на посетата на Брисел на 9 февруари изјави дека очекува пристапните преговори да започнат оваа година. И Европската унија нагласува дека патот на Украина кон членство води преку реформи, меѓу кои е и борбата против корупцијата. Дополнително, мора да се намали влијанието на олигарсите врз украинската политика.

Во 2021 година Украина го донесе „Законот против олигарсите“, кој го разгледува Венецијанската комисија на Советот на Европа. Резултатите се очекуваат во март.

Според тој закон во Украина, лицата кои исполнуваат три од четири критериуми се квалификуваат како олигарси: поседуваат имот во вредност од најмалку 80 милиони долари, имаат политичко влијание, ги контролираат медиумите и имаат монопол во некој економски сектор. Оние кои се запишани во регистарот на олигарси не смеат да финансираат политички партии, им е забрането да учествуваат во големи приватизации и мора да поднесат посебна даночна пријава.

Врз основа на новиот закон минатото лето, милијардерот Ринат Ахметов се откажа од лиценцата за неговата медиумска група. И лидерот на партијата Европска солидарност, поранешниот украински претседател Петро Порошенко, официјално ја загуби контролата над својата телевизија. И милијардерот Вадим Новински го врати својот претставнички мандат.

За време на руската инвазија и уништувањето на војната, богатството на олигарсите се стопи. Во студија објавена на крајот на минатата година, независниот Киевски центар за економска стратегија (ЦЕС) наведе дека загубите на украинските олигарси изнесуваат 4,5 милијарди долари. Најголема штета претрпе Ринат Ахметов. Со руското освојување на Мариупол, неговиот холдинг ја загуби важната фабрика за челик Азов и уште една фабрика.

Вкупната вредност на тие индустриски капацитети се проценува на 3,5 милијарди долари. Дополнително, фабриката за коксирање на Ахматов во Авдијивка, вредна 150 милиони долари, го прекина производството поради штетите предизвикани за време на руските напади. Многу енергетски постројки, особено топланите во сопственост на Ахметов, беа уништени од руските ракетни напади.

Експертите од украинското издание на „Форбс“ ги процениле загубите на Ахматов на девет милијарди долари. Сепак, тој и понатаму е најбогат Украинец со имот вреден четири милијарди долари. „Форбс“ ги проценува загубите на помалиот партнер на Ахметов во холдингот, Вадим Новински на две милијарди долари. Пред војната неговото богатство се проценуваше на три милијарди долари.