
Заради обезбедување на поголема безбедност на храната и постигнување на високо ниво на заштита на здравјето на луѓето, во услови на интензивирање на трговијата со овошје и зеленчук, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го зголемува интензитетот на контроли на пратките со овој вид на производи кои се увезуваат во земјава, од сите држави. Засилените контроли ќе се реализираат со земање лабораториски мостри за испитување на резидуи ( остатоци) од пестициди, со акредитирани методи, од секоја пратка. Мострите ќе се земаат на инспекциските места при увоз, а пратките нема да се пуштаат во промет се до добивање на резултат со кој ќе се потврди безбедноста на производите.
Поради добиен лабораториски наод позитивен на колиформни бактерии кај изворска минерална вода по потекло од Република Косово, спротивно на одредбите од Правилникот за посебните барања за безбедност на природна минерална вода, изворска вода и друга пакувана вода („Службен весник на РМ“ бр. 184/20218), под засилен инспекциски надзор ставен е и увозот на сите пратки со изворска минерална вода од оваа земја.
Под засилен инспекциски надзор во однос на микробиолошките критериуми за безбедност на храната се и пратките со безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, каде во една пратка, со лабораториска анализа утврдено е присуство на аеробни бактерии.
За секоја од наредните пратки со изворска вода и безалкохолни пијалаци по потекло од Косово, ќе се земаат лабораториски мостри за испитување на микроорганизми согласно Правилникот за посебните барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, соопштија од АХВ.